Македонскиот премиер Димитар Ковачевски порача дека земјава има и македонски модел за уставни измени и дека обврска на сите политички партии е да ги поддржат ваквите стратегиски одлуки важни за државата. Тој рече дека не е само ВМРО-ДПМНЕ, туку и други партии предлагаат и швајцарски и белгиски модел.
„Вие споменавте хрватски модел, други политички партии излегоа со свое видување според некој друг модел, трета денеска излезе со свое видување по трет модел. Јас сметам дека ние имаме и македонски модел бидејќи секогаш сме се бореле за македонска држава, за македонски јазик за кој се изборивме во преговарачката рамка и во Договорот ФРОНТЕКС, за идентитет за кој се изборивме во преговарачката рамка, и сметам дека треба да продолжиме со македонски консензус, македонската политичка волја и македонска визија за европска Македонија. На крајот, обврска на сите политички партии во државата, исто како што било обврска на партиите во Хрватска кога пристапувала во ЕУ, е да ги поддржат стратегиските одлуки на државата и тие да не станат предмет за дневно-политичка борба“ – рече Ковачевски на прес-конференција со Пленковиќ.
Тој повтори дека интеграцијата во ЕУм за што се потребни уставните измени, е стратегиско прашање.
„За дневно-политички прашања постојат други прашања за кои може да се разговара со политичарите, опозицијата и коалициските партнери, но ова се важни одлуки за иднината на сегашните и идните генерации кои сакат подобар животен стандард, сакаат врвни демократски институции, функционални услуги во своите држави, а тоа се добива кога државата ќе ги воспостави критериумите, практиките, процедурите и законите согласно европското законодавство и нивното функционирање на начин како што функционираат во ЕУ. Македонските граѓаните сакаат да живеат во ЕУ, но сакаат да живеат во ЕУ дома, а не во туѓина во држави кои се членки на Унијата“ – додаде премиерот.