Илинденското востание не е ниту почеток, ниту крај. Илинденското востание е врвен аманет, завет и историски паметник кој сите пред нас, ние денес но и сите по нас, мора да го имаат пред себе секојдневно! За да паметиме, за да знаеме кои сме, од кога сме! И најважно, за да знаеме каде и како треба да одиме во иднината.
Ова го порача вечерва од Крушево премиерот Димитар Ковачевски на отворањето на традиционалната манифестација „Десет дена Крушевска Република“, која од денеска до 10 август се одржува секоја година во Крушево по повод големиот национален празник 2 Август, Денот на Републиката – Илинден.
-Илинден е огништето на татковинатата. Идеал за слободна и независна држава. Држава втемелена на македонската историја, традиција и култура! Држава втемелена на вредности! Вредностите на слободата! На правдата! На еднаквоста! На рамноправноста! На почитувањето на другите! На солидарноста! Нашите револуционери ги дале своите животи за темелите на денешната држава! И илинденците, и асномците! Нивната борба била со крв и оружје, со жртва и цврстина, за денес да имаме слободна, независна и самостојна држава! Се бореле со се што имале – порача Ковачевски.
Клучното прашање, додаде Ковачевски, е каква држава сакаме и правиме денес и каква држава сакаме да оставиме утре?
-Сакам јасно и силно да истакнам дека и ние имаме обврска, имаме незавршена работа, континуирано да ја градиме државата како слободна држава на слободни граѓани! Да ја градиме како отворена држава, во која дом може да најде секој! Како држава на социјална правда! Држава на еднакви, рамноправни граѓани! На правда, ред и поредок! Држава на солидарност! На вредности, знаење и разум! Држава на разбирање, почитување, на взаемна поддршка! На прогрес и напредок! Држава со своја историја, сегашност и иднина! Тоа е нашата обврска, тоа е нашиот наследен завет и аманет, тоа мора да биде нашето наследство за идните генерации! – рече Ковачевски.
Ние знаеме дека од Илинден – до денес, истакна Ковачевски, ништо не било лесно, затоа што, како што рече, нема лесен пат до вредна цел.
-Но, насоката на илинденците и асномците е јасна, патоказот е пред нас. Илинденците и асномците не се прашувале дали вреди да се продолжи. Не калкулирале со следниот потребен чекор. Не бегале од одлуки и не се криеле. Знаеле и дека во обединувањето е силата – и така и постапувале. Одлуките на илинденците и асномците обврзуваат дека битките се водат, не се напуштаат! Така е добиена битката за слобода. За своја македонска држава. За свој македонски јазик. За признавање на македонскиот идентитет – рече тој.
Според него, интеграцијата, отвореноста, прогресот, заедништвото и соживотот денес се базирани на Илинденското Востание, на Крушевскиот Манифест, на Асномските одлуки.
-Да се биде независен и самостоен, рамо до рамо со европските народи е токму резултат на револуционерната борба! Времето е различно, но принципите и вредностите се исти! И затоа мораме да продолжиме да ја градиме државата на европскиот пат! Ние друга алтернатива немаме и не смееме да имаме. Заради нас самите! Никој не смее да ја украде и измени нашата историја! Бидејќи тоа е невозможно! Никој претходно, а камоли сега, не може да украде, измени или избрише векови и векови создавана и развивана традиција, култура и засебност! На сите негирања однадвор и одвантре, мораме да се спротивставиме со врвно национално чувство, со висока национална самодоверба и гордост, и најважно од сѐ со здраво и разумно обединување околу заедничкото, за универзалните принципи и вредности! Во исто време, нашата борба мора да продолжи! – нагласи Ковачевски.
Свесен сум, како што нагласи, дека како и во минатото, така и сега, отпор, и внатрешен и надворешен има и ќе има.
-Но, тој ќе биде поразен ако имаме фокус, енергија и самодоверба! Како што ја имале илинденците и асномците! А за разлика од минатото, денешната независна и самостојна држава има многу пријатели и сојузници! Има голем број на подржувачи! Таа е дел од европското и светското семејство на нации и држави, на рамноправен начин. Затоа што ние од изолирана држава, по цела деценија, со мудри и храбри одлуки, успеавме да ја обновиме и засилиме меѓународната поддршка, како никогаш досега – порача Ковачевски.