Ковачевски: Или ВМРО-ДПМНЕ ќе се приклучи кон проевропскиот блок цела како партија, или можеби со поединци

by Fokus

Денеска напладне во Клубот на пратеници премиерот Ковачевски ќе одржи средба со лидерите на партиите од владината коалиција.

„Или ВМРО-ДПМНЕ ќе се приклучи кон проевропскиот блок цела како партија, или можеби со поединци кои не мислат исто како нивното лидерство и кои искрено сакаат земјата да го продолжи патот кон ЕУ, бидејќи возот е тргнат и враќање назад нема“.

Ова го изјавил претседателот на СДСМ, премиерот, Димитар Ковачевски, во обраќањето на синоќешната седница на партискиот Централен одбор, каде ги информирал сопартијците за средбите со високи државни претставници на САД. Тој потенцирал дека продолжувањето на европскиот пат е значајно од национален, регионален и глобален контекст, и ги потенцирал ризиците за земјата ако биде блокиран тој процес.

„Нашите стратешки партнери САД препознаваат колку е важно да продолжи со евроинтеграциите кои се веќе започнати. На средбите и Блинкен и Ескобар недвосмислено потврдија дека евроинтеграциите на земјава се неповратен процес. Токму затоа и изразија загриженост врзана со блокадата на опозицијата на овие процеси. Доколку ние не продолжиме по европскиот пат, доколку не ги направиме следните чекори, евроинтеграцијата ќе запре и ние повторно ќе се најдеме во состојба на стагнација, како онаа што ја имавме цели 10 години до 2016 година. Тоа е многу опасно за нашата земја и за нејзината иднина“, потенцирал Ковачевски.

Денеска, премиерот Ковачевски, одржа редовна средба со лидерите на владината коалција каде во фокус беа стратешките приоритети на државата и важноста од влез во Европската Унија.

„Со коалициските партнери на денешната средба се сложивме дека наша заедничка цел е земјата да оди напред, да се движи со демократскиот и прогресивен свет. Ние сме земја-членка на НАТО, земја која претседава со ОБСЕ, работиме фокусирано и за што побрза интеграција во Европската Унија, бидејќи тоа значи подобри услови за живот и подобар стандард. Нашата цел е полноправно членство во ЕУ до 2030 година“ порача премиерот.

Тој истакна дека „опозицијата одбива да се вклучи и во работната група за подготвување на уставните амандмани, исто како што одбиваа и беа против сите важни процеси во државата. Но сепак, повикувам на отвореност и политичка одговорност и ги повикувам сите партии и општествени чинители да се приклучат кон остварувањето на стратешките цели на државата“

„Заедно да ги донесеме одлуките и заедно да ја обезбедиме европската иднина. Заедно, да дадеме глас за Европа, за македонска европска иднина. Немаме време за губење, продолжувањето на европскиот пат е историска шанса која не сум сигурен дека ќе ја добиеме повторно, шанса која треба да се искористи сега и веднаш“ е ставот на Ковачевски.

Поврзани новости