Премиерот Димитар Ковачевски денеска нема да биде дел од настаните за одбележување на 150 години од раѓањето на Гоце Делчев. Тој преку честитка испрати порака со оддавање почит и слава кон делото на, како што го нарече, инспираторот и водачот на македонската револуционерна организација.
-Денеска, на 4 февруари на денот на раѓањето на Гоце Делчев се сеќаваме и оддаваме почит на неговиот историски придонес во создавањето на македонската државност.
Како инспиратор и водач на македонската револуционерна организација, Гоце Делчев секогаш повикуваше на единство и сплотеност на сите граѓани, без разлика на нивната верска, етничка или политичка припадност во политичките предизвици пред кои беше исправено прашањето за создавање на самостојна држава.
Гоце Делчев највисоко го издигна неговиот интернационален и космополитски поглед со мислата „Јас го разбирам светот единствено како поле за културен натпревар на народите“. Оваа негова порака до денес не изгубила од својата актуелност и го вбројува Делчев во редот на светските хуманисти.
Идеалите и заложбите на Делчев се наша заедничка обврска да продолжиме да ја градиме државата како демократска и економски напредна земја, напиша Ковачевски.