Ковачевски и Османи на 77. сесија на Генералното собрание на ОН во Њујорк

by fokus

Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за надворешни работи, Бујар Османи од утре до 24 септември ќе учествуваат на 77. сесија на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.

За време на престојот во Њујорк, соопштија од МНР, Османи ќе учествува на трансатлантска вечера на министри за надворешни работи на НАТО, организирана од страна на државниот секретар на САД, Антони Блинкен. Ќе присуствува и на состанокот на Јадранската Повелба А5, како и на состанокот организиран од Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) и Советот за регионална соработка.

Шефот на дипломатијата Османи ќе земе учество и на средбата на земјите на Централно-Европската иницијатива (ЦЕИ) и на други важни меѓународни форуми за соработка.

На маргините на Генералното собрание, како што е најавено, Османи ќе оствари бројни билатерални средби со свои колеги од земјите членки на ЕУ и од земјите учеснички и партнери на ОБСЕ, во контекст на нашето претседавање со оваа организација, како и со високи претставници од Стејт Дипартментот на САД, а ќе ја искористи приликата да оствари средба и со претставници на нашата дијаспора.

Поврзани новости