Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски заедно со премиерот Димитар Ковачевски денес извршија традиционално закројување на виновата лоза во Тиквешијата, по повод празникот Свети Трифун.
Николовски објави фотографии од настанот и порача дека Македонија е винска земја, и со искрена и партнерска работа се испишала нова историја во винскиот сектор.
-Нема лозар кој денеска не е во лозјето, со света вода и вино, повикувајќи го Свети Трифун да ги благослови лозите, за и оваа година да дадат богат род. Традиционално, заедно со премиерот Димитар Ковачевски во Тиквешијата, нашата македонска Тоскана закројуваме винова лоза за среќа, за богат и квалитетен род, за уште една добра винска година. Ние сме винска земја, која успешно се избори за своето место на светската винска мапа. Денес, во Регистарот на производители на вино се запишани нови 95 мали винарии, денес имаме рекордни 123 регистрирани мали винарии од вкупно 164 регистрирани винарски визби. Тоа е огромен успех! Покажавме како се работи искрено и партнерски, а со успехот кој заеднички го постигнавме испишавме нова историја во винскиот сектор. Нека е за многу години Свети Трифун, и како што вели нашата традиција кога се закројуваат лозјата се испраќа следниов благослов: Господе, ти давам едно шише со вино, за илјада да ни подариш!- порача министерот.
По повод празникот на винарите и лозарите денес во Кавадарци, Неготино и Демир Капија се организираат голем број на настани посветени на лозарството и винарството, како и забавна програма со музички настапи на плоштадите.
Вики Клинчарова