Ковачевски и Мицотакис се согласиле дека Македонија и Грција имаат одлични односи

by fokus

Премиерот Димитар Ковачевски попладнево имаше телефонски разговор со премиерот на Грција, Кирјакос Мицотакис, кој му честита на изборот за премиер, и му посака плодна и успешна работа.

Како што соопшти владината прес-служба, двајцата премиери се согласиле дека односите меѓу двете земји се на одлично ниво, и дека ќе продолжи да се гради и зајакнува партнерството.

Претседателот на Владата Ковачевски му се заблагодарил на премиерот Мицотакис за поддршката што тој во континуитет ја дава за отворање на преговорите на Северна Македонија со ЕУ и го запознал со некои од резултатите од посетата на премиерот на Бугарија Петков на Скопје и од возвратната посета и заедничката седница на владите во Софија.

– Низ взаемно почитување и дијалог базиран на европски вредности, верувам дека можеме да најдеме решение во интерес на двете земји и народи, истакнал Ковачевски во телефонскиот разговор со неговиот грчки колега Мицотакис.

Премиерите Ковачевски и Мицотакис разговарале и за економската соработка, соработката во енергетиката, културата и други важни области, при што се договорија и за заедничка средба во рамки на Делфи Форумот во Атина кој треба да се одржи во текот на месец април 2022 година.

Поврзани новости