Ковачевски и Мицкоски ќе се судрат во „единицата“, кој ќе истрча во другите изборни единици?

„Фокус“ анализира кои се најсериозните кандидати за носители на пратеничките листи на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во останатите 5 изборни единици, откако Димитар Ковачевски и Христијан Мицкоски веќе закажаа лидерски дуел во првата скопска изборна единица, каде на претходните избори настапуваа непартиски кадри или нетипични партиски решенија.

by Фокус

Лидерите на двете водечки партии – СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Димитар Ковачевски и Христијан Мицкоски, веќе најавија дека на следните парламентарни избори се соочат во првата скопска изборна единица, но останува отворено кој ќе ги предводи партиско-коалициските пратенички листи во останатите 5 изборни региони.

Влатко СТОЈАНОВСКИ

На последните неколку парламентарни избори, немаше директни лидерски дуели. Уште кога СДСМ го предводеше Бранко Црвенковски, пратеничката листа на СДСМ во 2011 година во првата изборна единица ја предводеше Радмила Шекеринска, која како кандидат за премиер се соочи со тогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

Кога лидерската палка ја презеде Зоран Заев, тој на пресвртните избори во 2016 година одлучи да ја предводи пратеничката листа во четвртата струмичко-прилепска изборна единица, од причина што неговиот политички авторитет и капитал го стекна како градоначалник на Струмица. Тогаш, и Груевски, условно кажано, побегна од „единицата“ и отиде да се бори со Заев во „четворката“.

На тие избори, што се одржаа веднаш по политичката криза предизвикана од аферата со прислушувањето и „шарената револуција“, пратеничката листа на СДСМ во првата изборна единица ја предводеше актуелниот претседател Стево Пендаровски, додека пратеничката листа на ВМРО-ДПМНЕ ја предводеше тогашниот шеф на дипломатијата Никола Попоски, кој во меѓувреме се повлече од активната политика.

На тој начин, се создаде една практика партиските лидери да се дистанцираат од првата изборна единица концентрирана во урбаните делови на Скопје, поради што се смета за средина од каде почнуваат промените и лакмус што го одредува расположението во цела држава. Затоа, партиските водачи се обидуваа да го придобијат ова гласачко тело со непартиски кадри или нетипични партиски решенија.

Па така, на следните избори во 2020 година, скопската листа на СДСМ ја предводеше Никола Димитров заедно со Мила Царовска, а онаа на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска. На овие избори, Заев повторно настапи во матичната 4-та ИЕ, а Мицкоски воопшто не влезе во изборна трка, промовирајќи се за таканаречен шпицен-кандидат, односно кандидат за мандатар/премиер. Во меѓувреме, тој изјави дека тогаш згрешил и најави дека на следните директно ќе учествува.

За разлика од него, Ковачевски како лидер на СДСМ и премиер не учествувал на ниту едни избори, ако се исклучат предвремените избори за градоначалник во Маврово-Ростуше и Центар-Жупа и за избор на Совет во Општина Тетово. Оттука, во мај годинава тој за првпат ќе го предводи СДСМ на претседателски и на парламентарни избори, а веќе најави дека ќе ја предводи пратеничката листа во првата изборна единица.

Покрај Ковачевски и Мицкоски, во првата изборна единица ќе настапи и лидерот на Левица Димитар Апасиев, кој го освои пратеничкиот мандат токму како носител во првата ИЕ. Првиот човек на ГРОМ Стевчо Јакимовски, пак, најверојатно ќе се кандидира за претседател. Ако ГРОМ настапи заеднички со скопската градоначалничка Данела Арсовска, токму таа може да предводи заедничка листа во „единицата“.

Што се однесува до другите изборни региони, во втората скопско-кумановска област ВМРО-ДПМНЕ речиси сигурно повторно ќе настапи со партискиот потпретседател и поранешен министер за транспорт и врски Владо Мисајловски. Тој на минатите избори постигна солиден резултат против министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој ја предводеше пратеничката листа на СДСМ.

По внатрепартиските промени, Спасовски веќе не е дел од највисокото раководство на СДСМ, но неговото име се споменуваше како можен кандидат за претседател, Сепак, како што веќе објавивме, речиси е сигурно дека ќе се повтори претседателската трка меѓу Пендаровски и Силјановска. Неофицијално, Спасовски нема директно да учествува ниту на парламентарните избори, а главен кандидат за носител на пратеничката листа во „двојката“ е партискиот потпретседател Фатмир Битиќи.

Анализите се скоро готови, остануваат само формалности: Пендаровски и Силјановска пред нова претседателска пресметка!

На минатите избори, пратеничката листа на СДСМ во третата изборна единица ја предводеше министерот за земјоделство Љупчо Николовски, кој беше еден од ретките водечки функционери од претходното раководство на Заев што остана да соработува и со Ковачевски. На Бихаќка се цени дека има одлични резултати како министер, поради што СДСМ и на анкетите многу добро стои во „тројката“, каде има многу земјоделци, а во минатото важеше за бастион на ВМРО-ДПМНЕ.

Сепак, одредени сознанија говорат дека Николовски планирал да се повлече од политиката. Доколку реши и понатаму да остане активен на политичката сцена, тогаш тој може повторно да ја предводи пратеничката листа во „тројката“. Ако реши да замине, пак, тогаш како потенцијален носител се споменува министерката за труд и социјала Јована Тренчевска, која е во игра и за носител во четвртата изборна единица заедно со градоначалникот на Валандово Перо Костадинов.

Кога се работи за четвртата ИЕ, пратеничката листа на ВМРО-ДПМНЕ по се изгледа повторно ќе ја предводи партискиот потпретседател Александар Николоски, кој на минатите избори рамноправно му се спротивстави на тогашниот премиер Заев. ВМРО-ДПМНЕ има поголем проблем во „тројката“, каде на минатите избори настапи со Игор Јанушев, кој не го направи очекуваниот резултат, по што се повлече од функцијата генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ.

Во меѓувреме, ВМРО-ДПМНЕ освои градоначалници во двете општини што важат за база на третата изборна единица – Велес и Штип. Останува да се види дали еден од овие градоначалници – Иван Јорданов и Марко Колев ќе ја предводат пратеничката листа на ВМРО-ДПМНЕ или пак тоа ќе биде шефот на пратеничката група Никола Мицевски (Штип). Во конкуренција се и пратениците Драган Ковачки (Делчево) и Миле Лефков (Кочани).

На изборите во 2020 година, ВМРО-ДПМНЕ го проба рецептот со надворешно решение со висок индивидуален рејтинг во петтата охридско-битолска (плус Струга и Кичево) изборна единица, каде на чело на пратеничката листа беше Игор Дурловски. На крајот, тој пофрли во битката со Шекеринска, поради неговата неснаодливост, но и поделеноста меѓу неговиот штаб и партиските структури. Сега, ВМРО-ДПМНЕ во „петката“ најверојатно ќе настапи со генералниот секретар Ѓоргија Сајковски или пратеникот Антонијо Милошоски (и двајцата се од Кичево).

Во шестата изборна единица, пак, ВМРО-ДПМНЕ на минатите избори истрча со Дафина Стојановска, која и во овој период е исклучително активна и останува во конкуренција. Но, неофицијално се споменува и можноста пратеничката листа да ја предводи потпретседателката Гордана Димитриеска Кочоска, која е блиска соработничка со Мицкоски уште во периодот кога тој директоруваше со ЕЛЕМ/ЕСМ, па речиси сигурно е дека ќе добие доверба да предводи пратеничка листа.

Кога се работи за СДСМ, составот и структурата на пратеничките листи во 5-тата и 6-тата ИЕ ќе зависат од тоа дали партијата ќе настапи во предизборна коалиција со ДУИ и АА. Ако трите партии одат заедно, тогаш „шестката“ е резервирана за лидерот на ДУИ Али Ахмети, додека „петката“ ќе и припадна на Алијанса, така што ќе ја предводи министерот за правда Кренар Лога, близок човек до поранешниот партиски лидер и градоначалник на Струга Зијадин Села.

Исто така, во „шестката“ ќе се кандидира и лидерот на Беса и градоначалник на Тетово Биљал Касами како кандидат на здружената албанска опозиција. Станува збор за сојуз меѓу Беса, Алтернатива и Демократско движење, така што Изет Меџити и Африм Гаши ќе го имаат главниот збор и водечкото место во првата и втората изборна единица. Она што е слаба точка за оваа коалиција се втората и петтата изборна единица.

Поврзани новости