Од денеска па до недела, Македонија ќе добие нов претседател на Собранието и нова Влада. Утринава, ќе поднесат оставки првите луѓе на Владата и на Собранието, Димитар Ковачевски и Талат Џафери.
Утре, на веќе закажаната седница, Собранието ќе ги констатира оставките и ќе го избере Јован Митрески за спикер на овој парламентарен состав.
Тоа отвара можност да се извести претседателот Стево Пендаровски дека целата Влада е во оставка, по што СДСМ ќе му го предложи Талат Џафери за нов мандатар.
Седницата за избор на Техничката Влада ќе биде во недела. По неа ќе се одржи уште една седница за избор на дополнителни заменици министри.
На списокот на мандатарот ќе се најдат предлозите за министри и дополнителни заменици што ќе ги дадат партиите од власта, вклучувајќи и двајца министри и тројца заменици од ВМРО ДПМНЕ.