Со премиерот Димитар Ковачевски одиме во Абу Даби како продолжение на она што го правевме досега, да изнајдеме инвеститори со директни комуникации за нашите потреби, изјави вечерва министерот за финансии Фатмир Бесими
– Веќе кога имаме програма со ММФ и кога имаме јасни политики, таму ќе ги претставиме нашите макроекономски политики, развојните цели во нашата земја и ќе оствариме средби со претставници на неколку фондови, појасни Бесими во вестите на ТВ Сител, зборувајќи за претстојната посета на Обединетите Арапски Емирати.
Бесими рече дека еден од тие фондови, со кои ќе остварат средби, инвестира директно на меѓународните финансиски пазари.
Тој посочи дека една од темите на средбите со инвеститорите ќе биде и нашата еврообврзница за 2023 година.
– Има и развојни фондови што по поволни услови инвестираат во развојни проекти, било тоа да се инфраструктурни, проекти што се однесуваат и на приватниот сектор, агробизнис, туризам, зелени разојни проекти, наведе министерот.
Тој посочи дека ова е трета средба со претставници од Обединетите Арапски Емирати.
– Очекуваме да има нешто поконкретно на оваа тема. Има расположение, тие го познаваат нашиот пазар. Инвестицискиот фонд на Емиратите веќе има купено наши еврообврзници на аукции, така што не сме непознати за нивниот пазар, додаде министерот.