Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска е независна во своето работење, бидејќи таа е на позиција од која што се грижи практично за координација на повеќе аспекти – од владеење на право, дигитализација, унапредување на процесите, пружање на подобри услуги на граѓаните и унапредување на работата на инспекциските органи и нејзината работа се однесува на сите функционери, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски.
Одговарајќи на прашање во врска со информациите што Грковска ги изнесе во интервју за МИА дека досега нејзиниот Кабинет има иницирано три постапки за функционери за злоупотреби, Ковачевски рече дека кога ќе има што да соопшти вицепремиерката за добро владеење, сите ќе можеме да бидеме информирани.
– Се она што има да го соопшти вицепремиерката, тогаш кога ќе може да го соопшти, ќе можеме да бидеме информирани, рече премиерот.
Во изјавата Ковачевски потенцира дека работата на вицепремиерката не значи дека таа е некаков извршен орган или има некакви други надлежности.
– Меѓутоа таа е адресата и тој дел од Владата на која што пристигнуваат сите забелешки кои ги имаат одредени граѓани и институции по однос на работењето на кој било функционер. Работата на тој сектор е помогната и со знаење и со процеси и материјално од страна на нашите стратешки партнери, пред се тука мислам на САД и на државите членки на ЕУ и самата ЕУ, рече премиерот