Ковачевски: Голема е честа што сум првиот премиер од С. Македонија кој зборува пред Советот за безбедност

by fokus

Голема е честа, но и одговорност е што сум првиот премиер од Северна Македонија кој зборува пред Советот за безбедност во ОН, порача вечерва премиерот Димитар Ковачевски кој денеска се обрати пред Советот на безбедност во Обединетите нации.

-Горд сум на мојот народ и на мојата држава, што низ годините покажавме дека со демократско владеење, ги остваруваме нашите цели на домашен и меѓународен план. Донесовме многу тешки одлуки, но сега седиме во друштво на најмоќните и како членка на НАТО придонесуваме за светски мир и стабилност, напиша премиерот Димитар Ковачевски на Фејсбук.

Додаде дека со заштитен македонски јазик, идентитет и култура, власта сега е фокусирана на реформски процеси бидејќи заслужуваме брзо да станеме и членка на ЕУ.

-Изминатава година со војната во Украина светот трајно се промени, а Северна Македонија застана на страната на вистинската страна на историјата, на демократијата, на меѓународното право. Со искуството стекнато низ годините имаме зрелост и знаење да придонесуваме за меѓународните политики и процеси. Како земји членки на ОН да се залагаме за заедничка солидарност, стабилност, безбедност и мир, порача премиерот.

Поврзани новости