Премиерот Димитар Ковачевски се сретна со италијанскиот претседател Серџо Матарела. Како што соопштија од Владата, двајцата го потврдиле „искреното пријателство и добрите релации помеѓу двете земји, со активен дијалог во билатералните односи, како и од значење за демократскиот развој на нашата држава“.
„На средбата е истакната јасната позиција на Италијанската Република дека проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан мора да продолжи, што се покажува неопходно и во рамки на глобалните, актуелни случувања. При тоа е нагласена улогата на нашата држава во регионот, како земја којашто ги решава предизвиците низ храбро лидерство, трпение и мудрости и е најавена голема поддршка од Италија и во натамошниот процес на европските интеграции на Северна Македонија, со цел забрзана динамика до полноправно членство во ЕУ“, стои во владиното соопштение.
Ковачевски истакнал дека Македонија се постави стопроцентно и навремено на линија на политиките на ЕУ, во однос на војната во Украина, дека применува европски вредности и дека заслужува да биде дел од Европската Унија.
„На состанокот е разговарано и за други актуелни прашања, посебно околу справувањето со предизвиците за обезбедување енергија, со коишто се соочуваат Европа и светот. Во таа насока е изразена заедничка согласност дека е неопходно ЕУ тесно да соработува и со државите од Западен Балкан, коишто треба да бидат земени предвид при можните решенија“, велат од Илинденска.