„Станува збор за неетичко и непрофесионално однесување на лекар и ја поддржувам одлуката на министерот за здравство за санкционирање на овој вработен. Вакво нешто не треба да се случува во која било област, а особено не во здравството“.
Ова е ставот на премиерот Димитар Ковачевски, прашан за анестезиологот кој на социјалната мрежа „Тикток“ снимаше и емитуваше пациенти и медицински персонал во Гинекологија во Тетово.
За тоа дали ќе се воведе мерка за забрана за користење на оваа социјална мрежа, премиерот Ковачевски рече дека доколку претседател на Влада воведе забрана за користење на одредена социјална мрежа која се користи како медиум, тоа може да биде протолкувано на многу различни начини. Посочи дека овде станува збор за комплетно неетичко и непрофесионално однесување на лекар.
„Овде станува збор за неетичко и непрофесионално однесување и апсолутно ја поздравувам и поддржувам одлуката на министерот за здравство за санкционирање на овој вработен, но и на МВР и Обвинителството, со оглед на тоа дека вакво нешто не треба да се случува во која било област, а особено не во здравството“ – рече Ковачевски.
Анестезиолог од тетовско Одри, кој на социјалните мрежи во живо снимаше и емитуваше пациенти и медицински персонал, му е определена мерка притвор во траење од 8 дена.
До определување на мерката доаѓа откако Основното јавно обвинителство Тетово поведе постапка против обвинетиот за кривични дела „несовесно работење во службата“, како и „неовластено снимање“ според чл.152 ст.2 од Кривичниот законик.