Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски ги повика сите демократски и прогресивни сили во државата да излезат на претседателските и парламентарните избори на 8-ми мај и да дадат масовна поддршка за европската иднина на Македонија.
„Немаме друг избор, мора да бидеме европска земја и нема друг начин како да се направат вистински и опипливи промени дома. Мора да имаме повисок стандард, подобри услови во здравството, европско образование и конечно, да се избориме со корупцијата и да воспоставиме владеење на правото во сите сфери“, рече Ковачевски.
Од Првомајскиот пикник што денеска се одржа во Градскиот парк во Скопје, Ковачевски порача дека само со поддршка на СДСМ и Коалицијата за европска иднина и претседателскиот кандидат Стево Пендаровски, граѓаните ќе испратат порака дека нема играње со нашата иднина, иднината на нашите деца и наредните генерации.
„Од тука, од Градскиот парк, ги повикувам сите граѓани, ги повикувам сите наши симпатизери, сите наши гласачи, сите оние коишто гласаа за нас во првиот круг и сите оние кои што беа разочарани во првиот круг. Ве повикувам повторно, да излеземе сите и наредната среда да ја дадеме нашата поддршка за европската иднина на Македонија.“
„Силен СДСМ во Собранието е потребен заради иднината на државата. Нема друг начин да го спречиме ВМРО ДПМНЕ повторно да го донесе режимот кој толку долго се трудевме да го срушиме“, истакна претседателот на СДСМ.
Тој потенцираше дека СДСМ во изминатите седум години успешно се справи со здравствената, енергетската и економската криза и донесе тешки, но важни одлуки за подобра и просперитетна иднина на државата.
„Изминатите неколку години носевме тешки, но исправни одлуки. Разговаравме и разговараме со граѓаните, на терен сме, нѐ гледате и мене и нашите кандидати за пратеници. Свесни сме за грешките што ги направивме, но и свесни сме дека сето ова беше една лекција од која извлековме многу поуки. Тешките одлуки значеа многу политички компромиси и хируршки прецизно водење на процесот за зачленување на Македонија во НАТО“, рече Ковачевски.