Премиерот Димитар Ковачевски денеска оствари средба со претставници од американската бизнис заедница, кои имаат интерес за инвестирање во земјава.
Делегацијата од американски бизнисмени беше предводена од Ерик Мејер, заменик шеф на Мисија во Амбасадата на САД во Скопје, како и специјални претставници од Стејт департментот.
Тема на разговор на денешната средба беа условите за инвестирање во државава, посебно во делот на зелената енергија, како и поволностите кои земјата ги нуди за инвеститорите.
Поздравувајќи го интересот на американските компании за инвестиции во државава, премиерот Ковачевски ги охрабри присутните бизнисмени да ги разгледаат можностите за вложување во различни сектори.
Притоа, тој ги спомена олеснувањата за странските инвеститори, како: повратот на инвестициските трошоци, ослободувањето од плаќање комунални такси на локалната самоуправа и такси за земјиште за одобренија за градба, како и олеснувањата во однос на даноците.
На состанокот присуствуваа претставници од Ексим банка, Иновацискиот фонд за енергетика на Безос, Сименс Енерџи, заменик претседател на американско централно европската бизнис асоцијација и други.