Ковачевски: ЕСМ во 2022 менаџираше две големи кризи

by fokus

Зад нас оставaме исклучително тешка година на енергетски план, a пред нас e година исполнета со нови предизвици. АД ЕСМ во 2022 година се соочи со предизвикот да менаџира две големи кризи – кризата со електрична енергија и кризата со топлинска енергија, вели во новогодишно обраќање генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски.

Како компанија, нагласува тој, можеме да кажеме дека успешно ја извршивме и ја вршиме нашата мисија во ова тешко време – обезбедуваме електрична енергија и топлина за граѓаните, за институциите, за стопанството, без, како што подвлекува, ниту еден ден рестрикции.

– Во 2022 година имаме зголемено производство за 27 проценти во споредба со претходната година. Планот за 2023 година е да се зголеми производството на електрична енергија за околу 20 проценти споредено со лани. Успеваме да ги ставиме во функција сите домашни производствени капацитети на електрична енергија, а со тоа се намалува зазвисноста од набавка на скапа струја. Домашното производство е најевтино и затоа го зголемуваме. Дополнително, во време на криза значително ги намалуваме трошоците за производство и непродуктивните трошоци. Така, успеваме да ја задржиме пониска цената на електричната енергија за граѓаните и малите бизниси, појаснува директорот на АД ЕСМ.

Според него, изминатиот период компанијата покажала дека со добро менаџирање може да обезбедат доволно количини на јаглен, мазут и природен гас.

– Имаме стабилни договори за набавка на енергенси, како и за останатите потреби за процесот на производство. Во време на енергетска криза, одговоривме на сите задолженија од страна на Владата. За граѓаните и малите бизниси обезбедивме 100 проценти електрична енергија, а со поевтина енергија ги снабдуваме и болници, училишта, водостопански претпријатија, прехранбени капацитети, како и поголем дел од виталните институции во државата, истакнува Ковачевски.

Осврнувајќи се на топлинската енергија за Градот Скопје, Ковачевски оценува дека АД ЕСМ успешно се справува со обезбедувањето на потребните ресурси и испораката на топлинска енергија.

Поврзани новости