415
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, придружуван од вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, во Њујорк, се сретна со Ахим Штајнер, администратор на Програмата за развој на ОН (УНДП) и ко-претседавач на механизмот за енергија на ОН.
-На состанокот беше потенцирано значењето на ОН и на развојните мрежи на организацијата, како што е УНДП, којашто им помага на земјите членки во остварувањето на Милениумските развојни цели, глобалниот развој, заштитата на животната средина, во областа на енергетиката, соопштии прес службата на Владата.
Од Владата соопштија дека на средбата е разговарано за политиките на Владата на Република Северна Македонија, што придонесоа за успешно справување со економската и енергетска криза.
-Изразена е заедничка согласност дека зелена транзиција и декарбонизацијата е неопходно да бидат во фокус на владите на државите и на приватниот сектор, за да се забави постојаниот скок на климатските промени и да се осигура чиста и достапна енергија за сите, во интерес на сегашните и идните генерации, соопшти Владата.
Од Владата велат дека Ковачевски го поддржа повикот за акција на ко-претседавач на ОН за енергија, Штајнер непосредно пред овогодинешниот Самит на ОН, за зголемување на инвестициите во обновлива енергија и осигурано напојување на економиите денес и во иднина.
-Премиерот соопшти дека Северна Македонија од почетокот на минатата година досега има издадено 600 лиценци за централи за обновливи извори на енергија, со што во државата денес има на мрежа 420 мегавати на централи кои што доминантно работат за производство на електрична енергија од сонцето, а очекувањата се дека до крајот на годината тој капацитет да достигне 600 мегавати, соопшти Владата.
Премиерот ја нагласи и најновата владина одлука за конечна реализација на тридеценската цел за изградба на хидроцентралата Чебрен, проценета инвестиција од околу милијарда евра
-Ова се чекори кон енергетска независност на државата, за зајакнување на домашно производство на електрична енергија, но и придонес во заштитата на животна средина, поради што Северна Македонија веќе е препознаена како регионален центар на зелена енергија, рече премиерот Ковачевски.
Од Владата информираа дека на состанокот е разговарано е за можности за поддршка на нашата држава во делот на развојот на преносната мрежа со цел подготвеност за прифаќање на бројните апликации за изградба на фотонапонски и ветерни електрани, како и во заложбите за декарбонизација на економијата.