Премиерот Димитар Ковачевски од партиска трибина во Куманово го повика лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, да одговори дали бара од странски политичари да му помогнат да дојде на власт, а кога тоа ќе се случи ќе го смени Уставот.
-Дали на странските политичари кои доаѓаат во Северна Македонија, вклучително и на домашните политичари, на состаноците кои ги има со нив им вели: Дајте ми власт и ќе го сменам Уставот. Нека одговори, па нека чујат и странците и нашите граѓани – рече Ковачевски.
Тој додаде дека неговиот политички опонент Мицкоски е човек без визија и став, а лидерот на Левица, Димитар Апасиев, „пироман со визија за хаос и меѓуетнички тензии“.
-Мицкоски вели храброста се мерала со барање за предвремени зибори. Не е тоа храброст, храброст не е да седиш на страна, да правиш штета и да бараш предвремени избори. Храброст е да завиткаш ракави и да обезбедиш антикризни мерки, храброст е да се обезбеди македонскиот идентитет еднаш засекогаш за да не им се оставаат нерешени прашања на идните генерации – рече Ковачевски.