Премиерот Димитар Ковачевски и амбасадорот на Европската Унија во нашата држава, Дејвид Гир денеска присуствуваа на официјалното пуштање во употреба на реконструираниот и рехабилитиран пат Крива Паланка – Деве Баир во должина од 13 километри.
Премиерот притоа рече дека „овој пат беше предмет на разговор којшто го имав првиот ден како претседател на Владата со министерот Бочварски, со премиерот на Бугарија, Кирил Петков и со нивниот тогашен министер за транспорт и врски. И тогаш кажавме дека овој патен правец комплетно ќе го рехабилитираме, комплетно ќе го реконструираме и ќе отвориме трета лента којашто во тоа време не постоеше“.
„Сега сакам да му кажам на амбасадорот Гир и на медиумите да му пренесат не сегашниот премиер на Бугарија и на поранешниот премиер на Бугарија Кирил Петков, а сегашен се уште претседател на партијата „Продолжуваат промените“, дека тие нивната работа не си ја завршија. Ниту го завршија делот на патот кај Ќустендил, ниту го завршија делот на патот на страната на Бугарија кон ГП Клепало. Амбасадоре Гир, можете преку Брисел да им кажете дека ние нашата работа ја завршивме, а тие нивната работа не ја завршија“ порача Ковачевски.
Премиерот напомена дека „државниот пат А2, делницата Крива Паланка- Деве Баир, кој денеска официјално го пуштаме во употреба е во должина од 13 километри, каде е извршена рехабилитација, санација на пропустите на патот, но и проширување со трета лента. Се работи за инвестиција од 12, 2 милиони евра обезбедени преку грант на ЕУ и поддршка преку ЕБОР“.