Ковачевски: Да напредуваме како Македонци кои говорат, пишуваат и творат на македонски јазик

by Fokus

По повод свеченото одбележување на државниот празник 24 Мај – Денот на сесловенските просветители светите Кирил и Методиј во Охрид, Владата одржа панел дискусија „Македонскиот јазик во словенскиот свет”.

Во воведното обраќање премиерот Димитар Ковачевски нагласи дека „Светите Кирил и Методиј се значајни за писменоста на сите словенски народи, како создатели на првото словенско писмо – глаголицата, од која потекнува и македонската писменост. Нив ги слави и им оддава почит и целиот културен свет во денешна Европа, поради нивниот космополитски дух, со кој се поставиле како мост меѓу Источната и Западната европска цивилизација“.

Ковачевски рече дека „тоа што нас нè собира секој 24 мај се почетоците на македонската писменост, поврзана со дејноста на Охридската книжевна школа, првиот словенски универзитет во тоа време, основан токму во Охрид.

Премиерот рече дека како одговорна влада кон ова свое богато културно и историско минато и кон својот народ „донесовме тешки, државнички храбри одлуки, со кои најнапред ги осигуривме територијалните граници преку членството во НАТО, а потоа ги зацврстивме и заштитивме нашиот јазик и нашиот идентитет преку почетокот на преговорите со Европската Унија, минатата година“.

Ковачевски смета дека „за вистината зборуваат фактите дека македонскиот јазик денес е на рамноправно рамниште со сите други јазици што се зборуваат во Европската Унија“.

„Цврсто сме определени да осигуриме ефективна заштита, негување, промоција и афирмација на македонскиот стандарден јазик. Сакам да знаете дека кога станува збор за нашите идентитски определби, чувствителноста ни е иста. Како што се, верувам, исти и нашите определби – да напредуваме како Македонци кои говорат, пишуваат и творат на македонски јазик, во европското семејство на народите и државите, каде што и припаѓаме. Натаму одиме, натаму сме тргнати, патот е зацртан одамна, уште од Светите Кирил и Методиј кои важат за темелници на европскиот интеркултурализам, тоа што ние веќе го практикуваме. А тоа што треба да го направиме е да продолжиме напред“, потенцираше Ковачевски.

Поврзани новости