Премиерот Димитар Ковачевски, во рамките на работната посета на Белград, оствари средба со претседателката на Владата на Република Србија, Ана Брнабиќ.
Премиерите Ковачевски и Брнабиќ го поздравија одличниот развој на билатералните односи и констатираа дека просперитетот и стабилноста на целиот регион, како и неговата европска интеграција се засновани на добрите билатерални односи, поради што од исклучителна важност е двете земји континуирано да работат на истите и успешно да ги надминуваат сите разлики.
На средбата беше направен пресек на актуелните и претстојните активности и проекти меѓу двете земји, со акцент на економски и инфраструктурен план.
Дел од меѓусебните заложби за засилување на соработката е и денешното потпишување на „Меморандумот за соработка за воспоставување железничка мрежа со високи перформанси“.
Овој Меморандум е уште една можност, во рамките на иницијативата Отворен Балкан, да се овозможи брз транспорт на стока, не само низ земјите во Западен Балкан, туку и кон земјите членки во ЕУ.
На средбата се разговараше и за претстојните активности за проширување на инфраструктурната соработка, со конкретни планови и активности во следниот период.