Заменикот министер за финансии и кандидат за лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски во гостувањето на ТВ Сител говореше за своите планови доколку тој би бил прогласен за нов претседател на СДСМ.
Тој истакна дека има високо мислење за сите луѓе во партијата, а би повикал и стручни лица од надвор, кои би работеле за доброто на државата.
„СДСМ го има најдобриот човечки потенцијал во државата. Врз основа на моето искуство во мојата кариера, ќе се потрудам да ги идентификувам најдобрите кадри и ќе привлечам стручни лица од надвор кои ќе можат да преземат одговорност. Тоа е во насока на зголемување на ефикасноста во партијата и во справување со институциите, зголемување на ефикасноста и давање на фер шанса на најдобрите во партијата“, рече Ковачевски.
Дали би ги вратил некои членови чие членство е „замрзнато“, алудирајќи на градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, Ковачевски само кратко рече:
„Ќе се седне со луѓето со различни мислења, да се извади најдоброто од нив. Ако бидам избран, јас ќе бидам отворен за разговор“, истакна тој.