Ковачевски: Без Заев и Ципрас немаше да има ни Преспа, ни форум, ни дијалог

by Fokus

Премиерот Димитар Ковачевски вечерва на обраќањето на главната дебата на Преспа форумот го нарече визионер поранешниот премиер Зоран Заев порачувајќи дека без него денес ќе немало ни Преспа, ни форум, ни дијалог.

„Сакам да ви пренесам поздрав од поранешниот премиер Зоран Заев, кој вечерва не можеше да присуствува на форумот. Без него и без Ципарс денес немаше да има ни Преспа, ни форум ни дијалог, туку преговори кои што ќе траеа без некаква ориентација кога ќе завршат. Со договорот од Преспа и сите следни чекори до денес, ние ја обновивме вербата во дипломатијата, промовирајќи го отворениот дијалог како придобивка. Со тоа покажавме применлив и функционален пример за решавање на кризи што има посебно значење во денешниот геополитички контекст на случувања, за решавање слични предизвици пред кои што се исправени и регионот и Европа денес“, рече, Ковачевски.

Според него одржливи решенија се постигнуваат на маса каде што се води дијалог, меѓу лидери кои имаат политичка волја да се разберат и во името на доброто на својот народ и на својата држава.

„Земјите-членки на ЕУ, на НАТО, САД, во Северна Македонија денес гледаат како фактор на стабилност и безбедност во Европа. Поради сето тоа, денес реалистично гледаме на 2030 година како на достижна цел за полноправно членство на државава во ЕУ“, изјави Ковачевски.

Премиерот рече дека Северна Македонија покажа дека ниту еден искрен напор не е залуден.

„И кога велам дека постои доказ, тогаш најдобар доказ е Договорот од Преспа, којшто пред пет години беше решение за билатерален спор а денес е модел за перспективи за иднината“, рече вечерва Ковачевски на панелот „Пет години по Преспанскиот договор: предизвици претворени во можности“.

 

Поврзани новости