Претседателот на Владата Димитар Ковачевски во рамки на посетата на Тирана Албанија, каде учествуваше на Самитот на лидери на Берлински процес, се сретна со Антонела Басани претседателка на Светска банка за Европа и Централна Азија.
Тие, како што пренесува владинината прес-служба, разговарале за тековните проекти и планови на среден рок на Северна Македонија, како и на земјите од регионот. На средбата биле разменети мислења за политичките и економските случувања во регионот, како и предизвиците од геополитичките случувања во Европа и светот и како сето тоа влијае врз глобалната економија.
Разговарале и за проекциите за раст на земјите од регионот во текот на оваа година, како и проекциите за глобалната економска и финансиска стабилност.
„Партнерството со Светска банка и поддршката која ја добива Северна Македонија е од големо значање, Рамката за соработка е основа на граѓаните да им се овозможат подобри услови за живот, како и за инвестиции во подобрување на конкурентноста на приватниот сектор, инвестиции во инфраструктурата, развој на човечкиот потенцијал и зајакнување на менаџирањето со јавните финансии.
Со изработка на новата Рамка за партнерство на Република Северна Македонија со Светска банка значително ќе се зголеми финансиската поддршка за нашата држава и ќе биде речиси двојно повисока од досегашната“ велат од кабинетот на премиерот.
На средбата е оценето дека ваквиот вид на соработка, претставува потврда на поддршката која доаѓа од сериозен партнер.