Премиерот Димитар Ковачевски до Собрание предложил разрешување на сите министри и заменик министри од Алтернатива.
Освен министрите за здравство и информатичко општество, Ковачевски предлага разрешување и на Џемаил Чупи, министер без ресор задолжен за дијаспора. За него засега нема замена. Извори од СДСМ за Фокус брифираат дека ова место засега ќе остане празно, односно нема да биде именуван никој на местото на Чупи, но не откриваат дали можеби ќе се укине оваа позиција во Владата.
За да бидат избрани нови, актуелните министри и заменик-министри во Владата треба да бидат разрешени во Собранието.
Предлогот за реконструкција на владиниот кабинет е за четворица министри и пет заменици министри, а следуваше по преговорите за приклучување на Алијансата за Албанците (АА) во владиното мнозинство.
Кренар Лога е предложен за министер за правда, Фатмир Меџити за здравство, Азир Алиу за информатичко општество и администрација, сите тројца од редовите на АА, додека за нов министер за животна средина и просторно планирање е предложена Каја Шукова од СДСМ, на местото на досегашниот Насер Нуредини од ДУИ.
Лога ќе го замени Никола Тупанчески од СДСМ, Меџити треба да биде на местото на Беким Сали од Алтернатива, а Алиу на местото на Адмирим Алити, исто така од Алтернатива.
Со реконструкцијата се опфатени и заменици министри во ресорите одбрана, правда, земјоделство, образование и здравство.
За заменик министер за одбрана е предложен Тирон Јајага од Алијанса за Албанците, а од редовите на оваа партија е и Вјолца Бериша за заменичкото место во земјоделство, шумарство и водостопанство. Предлог на Ковачевски за заменик министер за правда е Викторија Аврамовска-Мадиќ од СДСМ, за здравство Маја Манолева, а за образование и наука – Агим Нихиу од ДУИ.