Премиерот Димитар Ковачевски денеска даде коментар на обвинувањата од опозициската ВМРО-ДПМНЕ за аферата во областа на соларниот бизнис, која, според тврдењата на опозицијата, е тешка 26 милиони евра.
Според Ковачевски, се работи за очаен обид на партијата да го сврти вниманието од обидите за местење на тендерот со пречистителната станица во Скопје, вреден 136 милиони евра. Тој очекува извинување од партијата за, како што посочи, овие лажни конструкции.
-Се што сум работел во животот досега било најтранспарентно со оглед на тоа што вие како медиуми можете секаде во целиот медиумски простор да најдете како функционирале сите компании во коишто јас сум бил или директор или извршен директор или основач или коосновач – истакна Ковачевски.
Тој додаде дека со преземањето на политичката функција како заменик-министер за финансии, ги повлекол неговите финансиски средства од „Пиксел груп“, каде бил основач.
-Што се однесува и со продавањето на уделите јас таму немам ниту какви било интереси, ниту какви било обврски во однос на управувањето или работењето на таа компанија. Она за што обвинува ВМРО-ДПМНЕ се е поставено во некакви прашални форми и се однесува на работењето на компаниите кога јас сум бил таму и кога сум излегол. Сето тоа е транспарентно – изјави премиерот.