Ако нашите деца си заминат, нема да остане никој што ќе го зборува јазикот на нашите предци, рече премиерот Димитар Ковачевски во обраќањето на почетокот на 7.Отворени денови кои од денеска до петок ги организира Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.
Идните генерации треба да останат во нашата држава и затоа концептот и обврска на оваа Влада, рече премиерот, е да бидеме член на Европската Унија до 2030 година за тие овде да имаат иднина. Единствениот предизвик за јазикот, рече Ковачевски, не доаѓа од исток, запад, југ или од каде било, туку од тука и од нас и дека јазикот не живее само во книжевните дела, туку мора да биде зборуван од луѓето.
-Јазикот е нашата татковина – тоа е аманетот на Блаже Конески, чие наследство е темел на македонскиот јазик, а со тоа и темел на македонскиот идентитет и национална култура. Но Конески посочи и дека од нас зависи дали јазичната средина ќе биде загрозена или не. И ова не е помалку важно. Напротив, мотив и обврска е за секој што се смета за продолжувач на неговото дело, истакна Ковачевски.