Ако има какви било докази во врска со случајот, како што тврди дека има, лидерот на опозицијата веднаш да ги достави до Министерството за внатрешни работи (МВР) и до Обвинителството.
Ова денеска го изјавија и премиерот Димитар Ковачевски и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, повикувајќи го лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, да ги објави информациите за кои рече дека ги има во врска со истрагата за случајот со 14-годишната Вања.
„Лидерот на опозицијата многу пати се има поставено и како истражител и како обвинител и така натаму, нема да навлегувам во тоа со што сака да се занимава, меѓутоа прикривање на докази за коишто вели дека ги има е кривично дело и затоа доколку има докази, треба сите да ги достави до МВР или до Обвинителството бидејќи се работи за еден навистина грозоморен чин којшто е направен од нелуѓе, кои треба да бидат изведени пред лицето на правдата и согласно законите да бидат најстрого казнети“ – изјави Ковачевски.
Дека прикривањето докази и информации поврзани со истрагата е кривично дело денеска нагласи и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој не само лидерот на опозицијата, туку сите оние што велат дека имаат какви било докази, ги повика да ги предадат на истражните органи.