Синоќа германскиот Бундестаг ја усвои Резолуцијата со која се признава македонската култура, идентитет и јазик, а Бугарија се повикува да се воздржи од наметнување дополнителни услови за Македонија, освен веќе постигнатиот компромис за уставни промени.
На ова реагираше бугарскиот европратеник Андреј Ковачев. Тој објаснува дека германскиот Бундестаг, на итно барање на премиерот во Скопје, усвоил Резолуција која има за цел да помогне во започнувањето на преговорите за пристапување на Република Северна Македонија во Европската Унија.
– Проблемот, поточно чудниот феномен е што тие се молат кај друга држава со одлука во парламентот да признае дека постојат македонскиот јазик, култура и идентитет. Не сум слушнал за друг сличен феномен на нашата планета, една држава да биде толку несигурна во својот идентитет, јазик и култура што мора да моли друга земја со политичка одлука на законодавно тело да ѝ ги признае јазикот, културата и идентитетот – вели Ковачев.
Тој ги повторува неговите ставови во однос на Македонија.
– Нема ништо лошо во тоа. Нашите колеги, соседи и пријатели во Скопје не треба да се грижат за тоа дека имаат модерен идентитет, јазик и култура, но разбирам дека сакаат да покажат некаква историска доследност или историски континуитет што се разликува од бугарскиот. Ова е основата на нашиот проблем,од таму доаѓа дискриминацијата и говорот на омраза и сите проблеми што ги имаме.Тоа не се билатерални проблеми, тоа се проблеми поврзани со основните човекови права и европските вредности. Повторно ги повикувам и власта и опозицијата во РСМ да покажат смелост и храброст и да не го продолжуваат моментумот од времето на Титова Југославија. Да си помагаме заедно, да бидеме заедно што побрзо во ЕУ, како што тоа го прават Романија и Молдавија, како што прави Грција со Кипар. Ние треба да сме заедно во ЕУ, а тоа може да се се случи само врз основа на пријателство, добрососедство, со спроведување на Договорот потпишан во 2017 година меѓу премиерите Заев и Борисов, како и со добра волја. Им посакувам на нашите соседи навистина да ги надминат сите пречки и да можат што побрзо да станат членка на ЕУ заедно со нас – изјави Ковачев.