Чудно е да се зборува во множина, а да се мисли на еден човек. Но, таа вмровска филозофија на водење политика се проткајува и на нивниот личен живот и изглед, неразделно поврзани со партијата.
Кога еден кандидат ги прашува своите вработени за кого се венчани, тие му кажуваат – за партијата. Тоа што се случува на филм, нам ни се случува на јаве. Нема мрдање од некоја затворена логика што промовира, не само начин на комуникација, туку и специјален изглед надвор од формалниот дрес-код. Партискиот водач Никола Груевски ги воведе во употреба карираните кошули, па потоа ги надополни со пепито кошули, кои со раширени раце ги прифатија и ги применија и други истакнати партиски членови.
Не помогна тоа што модните критичари во странските списанија, од едниот до другиот крај на Европа, па и на други континенти, тврдат дека карирана кошула смеат да носат само канадските дрвосечачи. Имено, таа е нивна работна облека, а ја користат и манекени за да позираат за целисходни слики и фотосесии за покажување мускули во машки списанија.
Илија Димовски, на пример, реши да си поигра со црвено пепито. Неговата кошула, која трпи разни варијанти во поглед на бојата, но не и на дезенот, веќе оддалеку се гледа, дури и новинарите да не знаат кој држи прес-конференција.
Пепито кошула веќе не им облекуваат ни на првачињата за првиот училиштен ден. Ако се земе дека тоа се сепак деца и нивното мало тело го покрива малку ткаенина, релативно големото тело на политичарот го покрива кошула, која личи на чаршаф за маса во грча таверна. Во некои други околности или ако станува збор за Шведска, ваквиот стил би бил дури симпатичен. Во богатство на политичарите кои придонесуваат за тоа сѐ им се простува, па дури и шегобијна облека.
Се разбира, Илија Димовски не ги избира кошулите мижејќи, иако тоа би било утешително објаснување или оправдание за недостиг, не од вкус, туку од такт.
Таа палета од бои и дезени расте правопропорционално со бројот на кошули и му дава една друга димензија на односот кон облеката. Не разбира дека ако носи бели кошули, никој нема да им ја знае бројката, но ако носи дезенирани кошули и секоја е различна, тогаш тоа покажува социјален статус во една држава, во која секој просечен човек веќе не купува облека, а камоли да тера мода или да дефинира стил. Макар бил и пепито погрешен.
Пепито кошулата укажува на незрелост. Особено кога треба да ја носи сериозен политичар на прес-конференција на која зборува за милионски проневери или обзнанува афери и драматични одлуки. Пепито кошула не носат веќе ни децата. Малите инаетливи суштества самите сакаат да изгледаат зрело во бела кошула со пеперутка-вратоврска.
Инаетот живее и во редовите на политичарите за кои зборуваме. Иако не се деца. Па еве, можеме да го посочиме правецот на движење и размислување. На некој нареден прес да видиме коцки во други бои. Сина, виолетова, а зошто не и пинк-розова. Да имаме за што да зборуваме, а да не биде висока политика. Бидејќи и таа е одамна прогонета од оваа територија.