Коцијанчич: Нападите кон амбасадорите ја оддалечуваат Македонија од ЕУ

by fokus

 

Европската унија очекува сите партии да учествуваат на мирен начин на прегласувањето, за да заврши изборниот процес во Република Македонија и да се избере Влада, изјави денеска портпаролката на Европската комисија Маја Коцијанчич.

– Ние ги забележавме одлуките на Државната изборна комисија и на Управниот суд. Сега мора да биде дозволено процесот на жалби и приговори да се одвива по својот тек, без било-каква интервенција. Очекуваме сите партии да учествуваат конструктивно и на мирен начин во демократскиот процес, за да се овозможи завршување на изборниот процес и формирање на новиот парламент и Владата, рече Коцијанчич.

Оваа порака на Европската Комисија следува откако Управниот суд одлучи да има прегласување во тетовското село Теарце, а ВМРО-ДПМНЕ недвосмислено порача дека нема да учествува и да ги признае тие резултати, кои можат да направат промена во прераспределбата на мандатите.

Во својот настап, портпаролката Коцијанчич уште еднаш пренесе дека ЕУ ја осудува запалливата реторика на протестите на ВМРО-ДПМНЕ по изборите, насочени против амбасадорите во земјава.

-Таквата реторика ја движи земјата уште подалеку од евроатлантскиот пат, кој нејзините граѓани го сакаат и заслужуваат – порача Коцијанчич.

Поврзани новости