Разговараше: Валентина ВУРМО
Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, во интервју за неделникот ,,Фокус”, вели дека обвинителствата функционираат со речиси 100 обвинители помалку од потребното. Тој нагласува дека состојбата е алармантна.
ФОКУС: Секогаш имало недостиг на обвинители и ресурси, па каква е сега состојбата?
КОЦЕВСКИ: Со еден збор – алармантна. И тоа е веројатно преблага констатација. Од 261 јавен обвинител колку што се предвидени како потребни, во моментов недостигаат нешто помалку од 100. До крајот на годинава, поради пензионирање на еден дел од колегите, тој дефицит ќе се искачи на над 100 јавни обвинители. Тоа е пополнетост на едвај околу 60% од јавнообвинителските места. Кај стручната служба ситуацијата е уште полоша, односно пополнети се само една третина од предвидените работни места. Кога разговарам на оваа тема и ги изложувам овие бројки пред колегите од странство и пред амбасадорите, сите се чудат како воопшто успеваме да функционираме со толку малку луѓе. Потребни се измени и во Законот за јавнообвинителска служба и во подзаконските акти за вработување на јавнообвинителски службеници, но пред се ни е неопходна функционална независност во располагањето со буџетските средства за да можеме самостојно да ги планираме сите ресурси.
ФОКУС: Директорката на Академијата за судии и јавни обвинители си поднесе неотповиклива оставка на функцијата. Како ова ќе се одрази на приемот на нови кадри?
КОЦЕВСКИ: Секако дека работите дополнително се усложнуваат. Неизвесно е кога ќе успееме да примиме нови обвинители од оваа генерација која сега завршува, ниту пак кога следната генерација ќе се запише на Академијата. Ова дополнително ќе ни ја отежне состојбата со недостигот на кадри, бидејќи во следните три-четири години сметано од денес не ќе можеме да произведеме нови јавни обвинители од Академијата, а во меѓувреме ќе се пензионираат многу од постојните. Со тоа, директно се загрозува функционирањето на повеќе обвинителства во државава. Состојбата ни е критична, а постапките за избор и едукација на кандидати долго траат.
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.