Министерот за образование и наука, Арбр Адеми и градоначалникот на Велес, Аце Коцевски на вчерашната прес-конференција имаа мало недоразбирање.
На министерот му беше поставено прашање на албански јазик, при што градоначалникот Коцевски реагираше дека ќе ја напушти прес-конференцијата, доколку не му биде преведено.
https://www.facebook.com/tvsitel.mk/videos/369764823806772/
Градоначалникот на Велес за „Фокус“ порача дека му било преведено од министерот по неговата реакција, а како што истакна, тоа била добронамерна реакција.
„Ние бевме таму за да се најде решение за три дечиња од Горно Караслари, а учат во Долно Каралсари. Тие учат настава на македонски, а е на мајчин албански јазик. Многу ми пречи фактот што новинари од албански редакции поставуваа прашања на албански јазик. Се спомнуваше Велес, гимназијата и состојбите. Министерот дава одговори на албански јазик, а не се преведуваат ни прашањата ни одговорите. Немаше преведувач и затоа се одлучив на таква реакција. Не сакав да бидам декор на нечија прес-конференција во мојата земја и да не разбирам за што се зборува“, истакна Коцевски.
Како што истакна Коцевски, тој нема проблем со употребата на албанскиот јазик, но Законот за јазиците подразбира и превод за тие што не го употребуваат.
„Треба да разберат сите присутни, затоа што имаше новинари од македонски редакции кои не разбираа какви прашања се поставуваат и какви одговори се добиваат. Откако јас реагирав, министерот Адеми ми преведе, но ако не реагирав, тоа немаше да се случи. Мојата реакција беше добронамерна и сметам дека мора да се почитува Законот. А и се чувствував вишок таму, да присуствувам на настан на кој не разбирам за што се зборува“, заврши Коцевски.
Јорданчо Цветаноски