Коцевски: Лажни се тврдењата дека сум вршел притисок, не подлегнувам на политички притисоци!

by Fokus

„Како Јавен обвинител на Република Северна Македонија ги отфрлам неоснованите тврдења за наводно мешање во предмет во кој повеќе од еден месец постапувало Вишото јавно обвинителство Скопје за кои тврдења до овој момент не е презентиран ниту еден доказ“ се наведува во демантот на Државниот јавен обвинител – Љупчо Коцевски.

Оваа негова реакција следи по изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека добил информација за вршење на притисок од страна на Коцевски за еден судски предмет поврзан со ВМРО-ДПМНЕ.

„Контролата во Вишото јавно обвинителство Скопје ја опфаќа работата на сите јавни обвинители во тоа обвинителство, а обвинителите кои чесно и одговорно си ја вршеле работата немаат ниту реакции, ниту стравувања, бидејќи знаат дека контролата се спроведува согласно закон.

– Од позиција на државен Јавен обвинител имав обврска, првпат после повеќе од четири години да извршам надзор над работата на Вишото јавно обвинителство Скопје, бидејќи до мене дојдоа информации и пресуди од Врховниот суд, кои укажуваат на можно нестручно работење на одредени јавни обвинители, како и пријави за закани, притисоци и недолично однесување кон вработени во обвинителството. Овие пријави се доставени и до Советот на јавните обвинители, наводите се документирани и имам обврска да ги проверам.

Лажните тврдења за наводни притисоци почнаа веднаш по започнување на контролата, што само ми потврдува дека ја преземам исправната работа и од тоа немам намера да отстапам. Конкретниот предмет што се наведува воопшто не е предмет на контрола и се споменува само за да се издејствува политички притисок и да ме натера да се повлечам. Но, тоа во ниту еден момент нема да се случи! Кога ја презедов функцијата јавен обвинител дадов заклетва дека оваа функција ќе ја вршам чесно и одговорно и ветување дека ќе ја вратам довербата во јавно обвинителската организација. Тоа и ќе го направам. Сите сознанија до кои ќе дојдам по извршената контрола и сите информации кои деновиве продолжуваат да пристигнуваат до мене имам намера да ги објавам веднаш по завршување на соодветните постапки предвидени во Законот за јавното обвинителство.

До крајот на овој месец контроли ќе бидат извршени и во сите останати виши јавни обвинителства и во ОЈОГОКК. За сите контроли задолжени се јавните обвинители од републичкото обвинителство распоредени како координатори за соодветните обвинителства со редовен годишен распоред. Според задолженијата, тие ќе треба да го проверат предметното работење на сите јавни обвинители во предметите во кои обвинителите се откажале од жалба или од обвинение. Затоа очекувам нападите кон мене да продолжат со уште поголем интензитет, особено од страна на лица кои со вакви обвинителски одлуки се спасиле од кривичен прогон додека граѓаните очекувале правда“, стои во соопштението на Коцевски.

Поврзани новости