Републичкиот обвинител Љупчо Коцевски изјави дека ќе се произнесе по предлогот за негово разрешување откако Владата ќе го достави до Советот на јавни обвинители.
Во однос на барањето на премиерот Христијан Мицкоски да ја напушти функцијата, Коцевски рече дека ќе одговори откако ќе ги види основите предвидени во Законот за јавно обвинителство. Доколку се утврди дека навистина има тешка дисциплинска повреда, тој рече дека сам ќе се повлече од функцијата.
– Одлуката ја оставам на политичарите. Јас строго сум работел и сѐ уште ќе работам согласно Законот. Условите доколку се исполнети согласно Законот за ЈО, стојам на тоа и нека ме разрешат, меѓутоа, доколку не се исполнети условите согласно Законот за ЈО, јавноста ќе цени дали ќе бидам разрешен на законит начин или на незаконит, изјави Коцевски.
Во однос на барањето на премиерот Мицкоски да ја напушти функцијата, Коцевски денеска во изјава за медиуми по седницата на Советот на јавни обвинители рече дека нема да коментира политички одлуки.
– Откако ќе го добијам предлогот од страна на Владата, да ги видиме основите што се предвидени во Законот за јавно обвинителство, па потоа ќе се произнесам во однос на тоа. Во однос на политичките одлуки засега не би дал коментар, рече Коцевски.
Коцевски негираше судир на интереси во врска со неговото членство во Советот и изјави дека не постапува во предмети, туку врши менаџерска работа.
– Во јавноста треба да се види по кои предмети сум постапувал незаконито за да се произнесам. Јас не одам на судење, не постапувам во предмети, така што само ја вршам главно менаџерската работа и околу одредени работи коишто се предвидени согласно Закон за јавно обвинителство, рече тој.