Новиот директор на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), Коце Трајановски ќе има на располагање шест пати поголем буџет отколку кога беше градоналник на Град Скопје.
Владата го назначи Коце Трајановски за нов директор на Јавното претпријатие за државни патишта, а длуката денеска беше потврдена од страна на Управниот одбор на ЈПДП. Тој доаѓа на функцијата на местото на Ејуп Рустеми кој беше директор на ЈПДП од 2020 година.
Трајановски беше избран за градоначалник на Скопје во 2009 година и оваа функција ја извршуваше до 2017 година кога функцијата прв човек на град Скопје ја презеде Петре Шилегов. Трајановски ја извршуваше и функцијата градоначалник на Гази Баба до 2005 година.
Додека беше прв човек на Град Скопје тој располагаше со буџет од околу 60 до 100 милиони, а сега како директор на ЈПДП ќе има на располагање приходи и приливи од околу 625 милиони евра што е за шест пати повеќе од буџетот на главниот град.
ЈПДП остварува најголеми приходи од акцизата од деривати од нафта, годинава се очекува тие да бидат 90 милиони евра. Втора ставка во Буџетот се приходите од надоместокот од патарина кои годинава се планирани на над 70 милиони евра, од патната такса која се плаќа при регистрација на возило, ЈПДП добива околу 38 милиони евра.
Од другите приходи од работењето како што се наплата од поставување натписи и билборди во заштитниот појас на автопатите, приклучување на пристапен пат на државан пат, поставување на инсталации во трупот на патот, изградба на бензински станици, прекумерно користење на пат, вонреден превоз и од штета сторена на патот, ЈПДП очекува прилив од околу 1,5 милиони евра.
ЈПДП ќе добие и приливи од странски кредити кои се подигнати за да се доправи автопатот Кичево-Охрид и да се изградат коридорите 8 и 10д. Приливите од Светската банка (кредит и грант, кредитите од ЕБОР и од Ексим Банка Кина се 9,45 милијарди денари или 153 милиони евра.
На овие суми се додаваат и средствата од Буџетот за 2024 година за инвестиции во патна инфраструктура, како и средства од 2023 кои се пренесуваат за истата ставка.
Коце Трајановски воопшто не се спомнуваше меѓу наследниците на Рустеми додека течеа преговорите за новата Влада, но партијата сака да го искористи неговиот висок рејтинг и менаџирање со инфраструктурни проекти додека беше градоначалник на Град Скопје.
Тој ќе има тешка задача да го изменаџира проектот на „Бехтел и Енка“ затоа што неговата партија негодуваше кога претходната власт го склучи договорот и измени неколку закони за да може американско-турскиот конзорциум да гради три автопати во следните четири години.
Министерството за транспорт и врски по промена на раководството во ЈП за државни патишта, како што најави, сега ќе побара декласифицирање на Договорот со „Бехтел и Енка“ за автопатските делници на коридорите 8 и 10Д и детална анализа, а вети дека ќе го направи достапен на јавноста.
– Кога ќе се промени раководството на ЈПДП јас како ресорен министер ќе побарам, согласно законот, да го декласифицираат договорот и да биде достапен на јавноста. На терен скоро и да нема активности. Тука државниот ревизор се има помалку задржано. Секако моја работа ќе биде со новото раководство на ЈПДП да направиме детална анализа. Сите опции се отворени и јас она што го кажувам и стојам зад тоа, а тоа е дека треба да сме одговорни кон народните пари – истакна министерот за транспорт и врски, Александар Николоски.
Сепак,повтори дека е неодговорно е да се раскине договор на веќе исплатените 250 милиони евра на изведувачот затоа што тоа ќе бидат изгубени пари. Според него, одговорно е да се седне и да се разговара колку најмногу километри автопат може да се добијат плус за оваа рамковна сума која што е поставена таму.
Осврнувајќи се на Извештајот на Државниот завод за ревизија, Николоски рече дека отвора сомнеж за досегашното работење на ЈПДП, меѓу другото за патот Дреново-Градско за кој проект вели дека има ризици од арбитража, како и за зголемената вредност на автопатот Кичево-Охрид за 170 милиони евра, а за кој се потрошени 446 милиони евра, а не е завршен и по 10 години од стартот на изградбата.
За автопатот Кичево-Охрид, министерот рече дека проценетата вредност е 589 милиони евра според Анекс бр. 3 на Договорот, што е зголемување од 170 милиони евра од првичната вредност кога почна да се гради, а која изнесуваше 411 милиони евра.
– ЈПДП, предводено од ДУИ до денес нема дадено одговори зошто е ова зголемување, а изговор не може да биде дека законот поминал во Собрание. За 10 години се потрошени 466 милиони евра за пат што почна да се гради пред 10 години, а таму се уште има бројни предизвици што треба да се решаваат и јавниот обвинител треба да поведе истрага и во ЈПДП за тоа што се случува во патната инфраструктура – рече Николоски.
Орце Костов