Коцарев: Тешко дека ќе станеме рамноправна членка на ЕУ во следните 30 години

by fokus

Треба да се соочиме со реалноста дека веројатноста нашата држава да стане рамноправна членка на Европската Унија во следните 30 години, е многу мала, смета претседателот на Македонската академија на наука и уметностите (МАНУ), академикот Љупчо Коцарев.

Како причини за тоа, Коцарев во своето обраќање по повод Денот на Академијата, ги наведе бавното темпо на интегративните процеси во ЕУ во однос на земјите на Балканот, што се уште не се дел од Унијата, се до противењето на некои нејзини членки, во блокот да се вклучат нови земји со право на вето.

Тој исто така ги повтори своите ставови во однос на општествената состојба во државата при што рече дека со склучувањето и исполнувањето на договорите со Грција и со Бугарија „се одвива културен геноцид врз Македонците“.

Пред воопшто да се пристапи кон потпишување на какви било договори, нашата држава мораше и требаше да бара некаков облик на покајание од сите договорени страни, вели првиот човек на МАНУ.

Коцарев смета дека стремежот за помирување на различните гледишта за историјата на Балканот е клучен фактор на актуелниот преговарачки пристап за влезот во ЕУ, но како што потенцираше, процесот постојано наидува на нови пречки, кога „отсуствува искреното покајување како чин на хуманост“.

– Со склучувањето и исполнувањето на договорите со Грција и со Бугарија се одвива културен геноцид врз Македонците во нивната држава Македонија, како и врз Македонците во соседните држави, но и насекаде каде што живеат и опстојуваат како народ, рече Коцарев.

Коцарев смета дека пред воопшто да се пристапи кон пишување, па потоа и потпишувањето на какви било договори, нашата држава мораше и требаше да бара некаков облик на покајание од сите договорени страни, кои, како што рече, „многу години, па и децении вршеа геноцид на Македонците и не го признаваа постоењето на македонскиот народ и на македонскиот јазик“.

Според академикот Коцарев, Академијата треба да очекува јавно покајание од сите оние институции кои со години промовираат радикални и неправедни ставови што го загрозуваат и го негираат македонскиот идентитет и македонскиот јазик, што претставува основен услов за натамошна плодна и конструктивна меѓуакадемска соработка.

Поврзани новости