Коцарев: Се залагам Македонија да биде дел од ЕУ, но пристапот што тековната Влада го избрала како единствен пат е грешен и срамен

by Fokus

Претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев во своето обраќање по повод 56 години од постоење на МАНУ рече дека „Предизвиците со кои се соочуваме денес се од духовна и од економска сфера. На државата и е потребен фундаментален документ, којшто ќе биде изработен под водство на МАНУ, заедно со универзитетите и стопанските комори, без учество на извршната власт. Но, не е доволно само да се изработи ваков документ, туку потребна е негова имплементација во континуитет“.

Тој рече и дека првиот предизвик што го има државата се однесува на сфаќањето на дел од македонските политичари, интелектуалци и граѓани дека нам ни треба некој однадвор за да се воспостави ред и владеење на правото, за да се имплементираат демократските принципи внатре во државата.

– Предлагам и се залагам Македонија да биде дел од Европската Унија, но пристапот во кој доминираат понизноста, сервилноста, недостоинственоста, па дури и нечовечноста, што тековната Влада го избрала како единствен пат за пристапување во ЕУ, е грешен и срамен, па затоа треба веднаш да се напушти – рече Коцарев.

Во однос на економијата, тој рече дека светската, европската и македонската економија ги очекува период на висока инфлација, висока задолженост на приватниот и на јавниот сектор, нарушени синџири на снабдување и енергетска криза.

– Во вакви бурни економски времиња, патот што го одбра Македонија, пат без континуитет, пат по кој секоја Влада одново се враќа на почетната позиција, е погрешен и непродуктивен и води кон пропаст – рече Коцарев.

Поврзани новости