Коцарев: Извор на нашите проблеми се Договорот со Бугарија и Преспанскиот договор!

Дали вратата на ЕУ семејството за Македонија ќе биде затворена многу долг период или засекогаш?

by Fokus

Извор на сите наши витални проблеми се сите документи што не се конзистентни со основните премиси на македонизмот, а такви се Договорот за добрососедство со Бугарија и Преспанската спогодба, рече претседателот на Македонската академија на науките и уметностите, академик Љупчо Коцарев, во своето експозе на Годишното собрание на МАНУ, за кое рече дека е авторски текст во кое изнесува негови лични ставови и наведе три предизвици за земјава – македонскиот опстој, ЕУ-интеграцијата и иднината на државата.

Зборувајќи за евроинтеграциските процеси, претседателот на МАНУ рече дека веќе подолго време ЕУ демонстрира непринципиелност и немање желба за проширување, праќајќи, како што рече, јасни сигнали за Македонија, но и за други балкански држави, дека полноправното членство во ЕУ ќе остане, според многу аналитичари, неостварен сон.

-Ако ЕУ преку ветото на една своја членка, како услов за почнување на преговорите, бара од Македонија не само да избрише дел од својата историја поврзана со борбата за ослободување од бугарскиот фашистички окупатор, туку и да ја ревидира синтагмата „фашистички окупатор“ што, за жал, е поддржано од дел од македонските политичари, но и од македонските квазиисторичари, зар тоа не придонесува за разнебитувањето на македонската држава. Поради тоа, се поставува прашањето: која е пораката што ЕУ и ја праќа на Македонија? Дали, всушност, вратата на ЕУ семејството за Македонија ќе биде затворена многу долг период или засекогаш?, рече Коцарев во експозето.

Поврзани новости