Котевски: ВМРО-ДПМНЕ од секогаш билo про-западно ориентиранo

by fokus

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, го повтори ставот на партијата дека позициите на Македонија се јасни и дека од национален и државен интерес е интеграцијата на земјава во НАТО и ЕУ. Сепак од ВМРО-ДПМНЕ не го коментираат тоа што официјална Москва ненадејно, но можеби очекувано, го смени пристапот кон демохристијаните во Македонија.

Ако до пред некое време со своите соопштенија стоеше на страна на власта на Никола Груевски, последните изјави од Русија се дека ВМРО-ДПМНЕ се недоследни. Токму поради својата недоследна политика, рече вчера рускиот амбасадор во Македонија, ВМРО-ДПМНЕ ја изгуби власта.

-Од друга страна знам многу членови на оваа, една од најголемите политички партии во Македонија, кои се расположени за развој на конструктивни и обострани односи со Руската Федерација. Токму унапредувањето на конструктивните односи меѓу Русија и Република Македонија е во интерес и им одговара на интересите на народот на Македонија  – изјави Шчербак.

Претходно од руската амбасада твитнаа дека Москва никогаш не била партнер на ВМРО-ДПМНЕ. На прашањето зошто таков пресврт во надворешните односи на партијата, од таму велат дека секогаш биле про-западно ориентирани.

„Ставот на ВМРО-ДПМНЕ од секогаш бил дека Македонија треба да е член на НАТО и ЕУ и тие се наши стратешки партнери“, вели портпаролот Иво Котевски за „Фокус“.

Сепак се уште се свежи сеќавањата од последните месеци пред падот на ВМРО-ДПМНЕ. Во своите соопштение руското МНР отворено застануваше во одбрана на тогашната власт и ги дисквалификуваше шарените револуционери.

Таков беше и случајот пред формирање на коалицијата меѓу СДСМ и ДУИ.

„Под псевдодемократски слогани продолжува длабокото надворешно влијание врз политичките сили во Македонија. Целта е очигледна, западот да расчисти со македонските политичари кои не му се омилени и покрај јасно изразената волја на граѓаните на изборите во полза на коалицијата „За подобра Македонија“ на чело со Никола Груевски и ДУИ на Али Ахмети“, се огласи руското МНР во февруари минатата година.

Непосредно по парламентарните избори во декември 2016-та година, тогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на протестот пред Државната изборна комисија рече дека Извршниот комитет на партијата донел проглас дека „некои амбасадори почнале премногу да се мешаат во внатрешната политика на земјата“ и дека „тоа мора да запре“. Тогаш ВМРО-ДПМНЕ донесе и одлука да не учествува на состаноци и на преговори во кои учествуваат амбасадори или други странски претставници, на кои, како што рекоа од таму, се носат одлуки за кои одлучуваат претставниците избрани од народот.

Неколку дена по обраќањето на Груевски, на интернет се појавија некролози од амбасадори на земји членки на ЕУ.

М.В.

Поврзани новости