Градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски денеска откри дека советник од општина Бутел од Алтернатива на вчерашната седница на советот му се обратил со зборовите: „Ако продолжиш вака ќе ти се скрши вратот.“
-Ова го истакна советникот во општина Бутел претставник на политичката партија Алтернатива, на вчерашната седница на советот, читаше од некој друг напишано писмо па ми се обрати на таков начин. Од како го прашав што тоа значи, почна да ретерира дека било метафора. Тој истиот советник кој вчера едвај го прочита од друг напишаното писмо, веќе година ипол од мене бара работи кои се исклучително поврзани со негови лични потреби и за неговото најблиско семејство. Секако дека имам докази за истакнатото и секакко дека не добил ништо од тоа што побарал за личен интерес. Од човек кој гледа лична корист сега наеднаш стана бранител на албанските интереси и тоа на исклучително лажен начин со манипулации.
Советниче, како и вчера така и денес да ти порачам тебе, и на сите останати кои се закануваат од позади тастатура, сте ја утнале адресата, вашите закани се смешни и кукавички, односно далеку од чин кој му прилега на маж.
Закани, провокации и останати нецивилизирани постапки кај мене ниту поминале до сега, ниту некогаш ќе поминат. Стравот не постои како опција во мојот ментален склоп. Убеден сум дека тоа ви е кристално јасно, рече Костовски.
Тој им се обрати и на ДУИ, и им порача дека доколку продолжат лажно да го обвинуваат за национализам, сигурно и наредниот мандат ќе бидат само публика и повторно ќе го молат за средба.