Парламентарното мнозинство предводено од СДСМ вчера донесе неуставен закон за двојазичност со кој се деградира употребата на македонскиот јазик и истиот се сведува на ниво на еден од јазиците кои се говорат во Република Македонија, изјави денеска Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ.
-Можноста судските, управните, извршните, предистражните, истражните, кривичните, прекршочните, парничните, вонпарничните, за извршување санкции и другите постапки да се водат на еден од двата јазици ја релативизира официјалноста на македонскиот јазик. Дополнително, невозможно е закон кој се носи со апсолутно мнозинство да се усогласува одредби во закони кои се носат со двотретинско мнозинство. Двојазичност на униформите на полицијата, здравствените работници и пожарникарите ја надминува уставната рамка. Според Уставот, двојазичноста може да важи за локални институции, а не во државните институции, како што тоа се прави со овој закон. Законот за двојазичност го надминува и Рамковниот договор во точка 6 од истиот, во делот на образование и употреба на јазиците – вели Костовски.
Според него, во едно мултиетничко општество загрозувачки за сите други заедници е да се донесе закон со кој се промовира една етничка и јазична заедница и да се промовира јазичен билингвализам.