Костовски: Горан Грујевски побара да се направат четири сајтови во системот за подобра прегледност и групирање на таргетите

by fokus

Сведокот Ѕвонко Костовски на денешното рочиште во Кривичниот суд за предметот „Таргет-Тврдина“ на Специјалното јавно обвинителство рече дека во 2011 година на барање на Горан Грујевски биле направени четири сајтови во системот „Најс“ за подобра прегледност и групирање на таргетите.

-Во 2011 година Горан Грујевски побара да се направат четири сајтови во системот „Најс“ за подобра прегледност и групирање на таргетите. Првиот сајт беше наречен „Судски наредби“, вториот беше наречен „Рудник“ и во него беа оперативните таргети на УБК, во третиот „Полог“ беа оперативните таргети на БЈБ, а во четвртиот имаше телефонски броеви од политичари, бизнисмени, новинари и невладини организации, рече Костовски.

Оперативните таргети на УБК и БЈБ, како што посочи, не биле следени со судски наредби, туку со барања од УБК кои се евидентирале во посебна книга.

– Доколку се увидеше потреба се бараше судска дозвола, додаде Костовски.

Тој пред судот истакна дека во првите три сајтови пристап имале админ 1 и админ 2, а во четвртиот марк 11, што го користел маркирачот Владимир Варелов.

Костовски рече дека имал пристап до првите три сајтови, а во четвртиот имале Горан Грујевски и Сашо Мијалков, како и барем еден маркирач.

-Таргетот, соговорникот, локацијата и други елементи од системот беше побарано да се сменат во фајлот и да се фабрикуваат докази за судска наредба при апсењето на Соња Верушевска. Тоа го побара од нас Горан Грујевски, рече Костовски

Поврзани новости