„Состојбата со ДПМНЕ е чудна. Сега се главните поддржувачи на кандидатот на БЕСА, знаејќи дека нивниот капацитет е нула. Оставени се сами на себе, сите побегнаа. Мицкоски се скара со секој што можеше да се скара. Ги залажува членовите во партијата дека ќе победи. Пушта некои фејк анкети за коишто сите се свесни дека нема ништо да се оствари. Европскиот фронт предводен од СДСМ повторно ќе зададе сериозен удар на сите оние манипулации што ги прави Христијан Мицкоски. Тоа е негов проблем и проблем на неговото раководство коешто му верува слепо“, изјави пратеникот од редовите на СДСМ – Мартин Костовски во неговото гостување емисијата „Клик плус“ на Телевизија 21.
Во однос на изборот на член на ДИК, Костовски додаде дека оваа работа иако е техничка, не е завршена бидејќи партијата БЕСА не ги исполнувала условите. Кандидатот бил претседател на некој огранок на таа партија. Согласно законските одредби членот не треба да има политичка функција и затоа комисијата го отфрлила.
„Јас не сум пратеник од ДУИ меѓутоа вие влеговте во коалиција со ДУИ и тоа е одлично. Повторно се виде дека само манипулира Христијан Мицкоски, само го лажете сопственото членство и граѓаните. Сите оние ваши услови дека никогаш нема да влезете со ДУИ во влада сега имаат четири-пет министра коишто заедно седат со Талат Џафери и му се поклонуваат. Човекот што во 2012, 2013, 2014 година го викаа господине министре во Министерството за одбрана, сега го викаат припадник на некакви паравоени формации или човек што не заслужува позиција технички премиер и тука е таа конфузност и контрадикторност на ВМРО-ДПМНЕ која целиот овој временски период граѓаните добро ја гледаат, но сето ова беше печат на сите нивни лаги и манипулации“, заклучи Костовски.
Тој рече дека „Партијата на господинот Таравари Алијанса на Албанците е партнер во извршната власт. Тоа не е ништо ново, двајца коалициони партнери да разговараат во делот на спроведувањето на своите програмски определби за коишто коалицирале и направиле извршна власт односно ги поделиле ресорите. Социјалдемократскиот сојуз подолг временски период подаде рака, ги отвори вратите за секој еден којшто дели исти вредности и политики и се залага за интеграција во Европската Унија на државата да дојде рамо до рамо со нас дали е тоа партија или поединец“.
Костовски додаде дека му пречи тоа што во последно време се дефинираат коалициите како етнички, меѓуетнички.
„Суштината на европскиот пат е да се направат вредносни коалиции, каде што СДСМ ќе биде стожерот на европски и евроатланските вредности за коишто се бориме сите овие години. Првата стратешка цел е остварена. Влез во НАТО. Втората стратешка цел е отварање на преговорите со ЕУ. Очекуваме во наредниот период проевропското расположение коешто се рефлектира на самите анкети на граѓаните, над 70% да се манифестира и преточи во еден фронт кој го нарекуваме проевропски фронт на граѓаните“, потенцираше Костовски.