Костовски: Еуростандард банка е кокошка која носи златни јајца, некој има интерес да ја преземе, но не можам да го препознаам

by Frosina Fakova

Еуростандард банка заедно со Поштенска банка е банка со преку 330 експозитури, тоа е кокошка која носи златни јајца, можеби некој има интерес за преземање, но јас тој човек со факти не можам да го препознаам, рече на прес-конференцијата попладнево бизнисменот и мнозински акционер на „Еуростандард банка“, Трифун Костовски чија банка во средата беше затворена.

На прес-конференцијата тој порача дека останува тука и не бега од одговорност од последиците, но вината ја гледа и во системот што не му помогнал да ја спаси банката и стабилноста на банкарскиот сектор. Нивната вина Костовски ја гледа во тоа што тој како претседател на Надзорниот одбор на банката и неговиот син, Коста Костовски како претседател на Комисијата за одобрување на кредити дозволиле да се злоупотреби капиталот на банката и сметките. Прво Костовски обвинија за смислено сценарио од страна на Народната банка, чиј чекор го протолкуваа како незрел и избрзан, со оглед на тоа што тие имале веќе најдено инвеститор од Дубаи, а претходно и сами вложиле 2,5 милиони евра за докапитализација на банката. Костовски вели дека единствено му е жал за коминтентите на неговата банка, а за него рече, „Јас гол сум се родил, гол ќе си умрам“.

-Бироткратското однесување, нетолерантност од страна на Народна банка која потполно ги маргинализираше потенцијалните купувачи. Имавме потенцијален партнер кој потрши стотина илјади евра за да направи длабинско снимање на банката за нејзино преземање. Народна банка не одвои ниту пет минути да му пружи шанса на тој инвеститор да допатува во земјава и да разговара, бидејќи и да вложи пари ако не ја добие лиценцата тоа се за него изгубени пари. Знам дека со стечајната постапка многу физички и правни лица ќе бидат погодени. Јас сум засегнатиот тука, засегнати се моите клинети кои и те како ќе платат голема сметка. Ова е сценарио кое е правено со месеци наназад за никој да не знае, само блиски во тие кругови во Народна банка. Навреме биле обавестени да си ги повлечат парите. Јас Трифун Костовски со семејството дојдовме и инвестиравме сѐ во Македонија, денеска изгубивме сѐ. Ме боли за мене и моето семејство, но уште повеќе ме боли за клиентите, рече Костовски.

– Имавме понуди за преземање на банката кои гарнатираа стабилност, просперитет и развој и беа запознати челниците на Народна банка. Крајниот период за прифаќање на нивните понуди беше до денешниот ден, рече синот Коста Костовски.

Тие најавија дека правдата за ова ќе ја бараат пред меѓународните судови со оглед на тоа што се работи за странска инвестиција. Но, освен на Народна банка Костовски е лут и на поранешниот претседател Николче Петковски и другите членови на поранешниот Управен одбор и за нив најавија кривични пријави.

-Јас му се јавив, го прашав каде се парите, тој ми вика во банката, јас не можам да ги видам во банката, ниту во трезорот, ниту на контото се. Се додека сум жив ќе ги гонам тие лица и нема да ги оставам на мира. Николче Петковски е креаторот на целата структура на банката, волк во овчја кожа, рече Костовски. Петковски исто така бил близок и со раководството на Комерцијална банка, банка која беше заинтересирана за преземање на Еуростандард, но преговорите пропаднаа.

Групацијата на семејството Костовски, имала долг кон Комерцијална од пет милиони евра, а за тој кредит биле ставени под хипотека зградата на Еуростандард банка во строгиот центар на Скопје, Поштенска банка, како и Палата Македонија.

Поранешниот директор на УЈП, Горан Трајковски кој потоа беше назначен за претседател на Управниот одбор се обидел максимално да ја спаси банката, но не успеал.

На прашање за шпекулациите кои се шират дека синот на Костовски давал кредити без хипотеки поради личен интерес и имало 3,6 милијарди денари нефункционални кредити, Коста Костовски рече дека кредитите ги одобруваат кредитни одбори.

-Кредитите се одобруваат од пет членови на кредитни одбори, се прават анализи и се праќаат на кредитни одбири, се презема ризикот и се дава, рече Костовски, кој вели дека банката не била само за негов личен профит.

Веста дека Еуростандард се затвора, Трифун Костовски ја слушнал од медиумите и не можел да си дојде на себе, со оглед на тоа што во изминатата година вложил 10 милиони евра за банката да застане на нозе, но сепак Народна банка не му дала шанса и ја затворила.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости