Книгата „Искуства за иднината“ на премиерот во бегство, Никола Груевски, наиде на низа позитивни и негативни коментари од читателската публика низ Македонија. Дел од присутните на Саемот на книга се разочарани што тоа не е автобиографија на Груевски, додека пак останатите сметаат дека ќе научат и по некој економски термин од книгата.
Гога Костеска од Издавачката куќа „Ѓурѓа“ смета дека не постои причина зошто книгата на Груевски да го наруши угледот на издавачкиот центар.
„Постои интерес за докторскиот труд на Никола Груевски. Задоволни сме од досегашната продажба на тоа дело. Луѓето си имаат различни погледи и размислувања кон таа книга. Ние постоиме 32 години, имаме издадено над 1.000 наслови и не сметам дека би се нарушил угледот на издавачката куќа со книгата на Груевски. Ние не сме Северна Кореја. Ако автор, кој до вчера бил популарен, а сега не е популарен, зошто ние да го одбиеме?. Ова е чист докторски труд и ништо не е поврзано во политиката. Нас тоа ни е работа – авторот да понуди проект, ние да го разгледаме и да донесеме одлука дали ќе ни се исплати трудот да го пласираме или не. Економисти ја купуваат оваа книга. Имаше мошне реакции и за „Мојата борба“ на Адолф Хитлер, но луѓето се навикнаа. Таа не е книга за деца, па ние да ги превоспитуваме во нацисти“, истакна Костеска.
Јорданчо Цветаноски