Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, оцени дека пратениците кога гласале за оспорените измени на Кривичниот закон се „апстрахирале од реалноста“, што тој ја опиша како држава со „корупција од пандемиски размери, дефицит на одговорност и суфицит на неказнивост“.
Тој на прес конференција соопшти дека Уставниот суд, имајќи ја во предвид реалноста во земјата и фактот дека место да се заострат казнените мерки, тие со измените се олабавиле, со мнозинство поддршка решил да поведе постапка за оценка на уставноста на измените на Кривичниот закон. За да нема правна празнина, пак, Судот му дава шест месеци рок на Собранието да се корегира, т.е. да ги направи неопходните измени според аргументите на Уставниот суд. Во спротивно, Уставниот суд ќе поведе постапка за оценка на уставноста која ќе резултира со укинување или поништување на овие законски измени. Неговата оценка сепак беше дека, каква и да е одлуката и што и да резултира од постапката, дел од работите не можат да се вратат назад, односно дека штетата е непоправлива.
„Каква и да е нашата одлука, се сомневам дека штетите можат да се поправат. Собранието го повреди политичкиот плурализам. Овој закон не е ништо друго освен покажување на моќ, ароганција. Работата на пратениците е да ги застапуваат интересите на граѓаните, кои во овој случај не се еднакви. Измените имале некаква цел, но тоа не е таа што ја бараат граѓаните“, рече Костадиновски.