Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски и судиите Татјана Васиќ Бозаџиева и Ана Павловска Данева денеска остварија работна средба со амбасадорот на ЕУ Н.Е. Дејвид Гир и неговите соработници.
Амбасадорот потенцираше дека ја препознава улогата на Уставниот суд како клучна во обезбедување на рамнотежа над трите гранки на власта во уставниот поредок и во обезбедувањето на владеењето на правото.
Претседателот на Уставниот суд Костадиновски, го извести амбасадорот Гир дека во септември и октомври ќе се најдат на дневен ред пред Судот сите предмети кои се од поширок јавен интерес.
Во насока на подобрување на работењето на Судот, претседателот Костадиновски го информираше амбасадорот за реформите кои ќе ги спроведува Уставниот суд од септември со примената на новиот Акт. Акцентот беше ставен на одредбите кои ќе поттикнат забрзување на постапките и отчет и на судиите и на претседателот пред Судот за времетраењето при постапувањето по предметите.
Костадиновски нагласи дека од особена важност за сите граѓани е новината со која се овозможува Уставниот суд да подготвува посебни извештаи во случаи кога увидува континуирано непочитување на Уставот или законите од страна на доносителите на општи прописи.
Како посебно важна новина воведена со новиот Акт на Судот, Костадиновски ја потенцираше постапката во која Уставниот суд ќе може да му одреди конкретен рок на доносителот на некој пропис да ги отстрани уставно-проблематичните одредби со цел да се избегне правен вакуум и да не настанат штетни последици по остварувањето на правата на граѓаните.
Амбасадорот Дејвид Гир покажа интререс за размислувањата за Закон за Уставен суд како и за воведување на уставна тужба и искажа силна поддршка за напорите кои Уставниот суд ги вложува за унапредување на транспарентноста.
Амбасадорот Гир ја констатираше брзата реакција и донесувањето на Заклучокот со којшто Уставниот суд предупреди дека престанок на функцијата на уставен судија надвор од уставните одредби е грубо кршење на Уставот и упад во независноста и самостојноста на Судот.
Претседателот на Уставниот суд, д-р Костадиновски се заблагодари за почнувањето на ИПА 3 проектот, при што доби поддршка од амбасадорот Гир за спроведување на проектот кој е во насока на зајакнување на капацитетите на Судот.
На средбата беа разменети мислења во врска со најавите за реформи во правосудните тела.