Костадиновски: 2024 беше година на крупни реформи во работeњето на Уставниот суд

by Fokus

Тргнете ги рацете од Уставниот суд! Останете реално и вистински посветени на заложбите за владеење на правото, за правна држава за европски вредности! Секој што мисли дека владеењето на правото и правната држава ќе биде попречена со политички манипулации, притисоци и влијанија, да не се трудат! Никој не е над Уставот. Секој е должен да го почитува Уставот. Никој неможе да има повеќе власт и права од оние што му ги доделил Уставот, порача претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски.

„Пораката до граѓаните е да бидат спокојни, Уставниот суд ќе продолжи бескомпромисно да го чува Уставот, вашите слободи и права. Владеењето на правото и правната држава не можат да повредат ничии права или чувства, напротив, тие се гаранција за вашите слободи и права кои се признати со меѓународното право и утврдени во Уставот! Не дозволувајте вашите чувства да бидат манипулирани од било кого. Силата на Уставот е втемелена во волјата на секој од нас да го штити и да застане зад него!

А јас, ќе останам доследен на моето ветување од првиот ден како претседател, лојален сум само на Уставот и никому друг“ рече Костадиновски.

Тој додаде дека судот продолжи со напредокот во полето на транспарентноста, одржувајќи редовни брифинзи, прес конференции на кои учествуваа и судии и тој како претседател на Уставниот суд.

„Институцијата со која раководам е отворена и сите информации се достапни на новата веб-страница на Уставниот суд, која е редизајнирана и збогатена. За континуираната соработка со новинарите и унапредувањето на транспарентноста говори и еден податок од спроведеното истражување на Судот помеѓу 90 новинари, кој вели дека 98% од нив одговориле дека се задоволни со нашето информирање, а 84% дале највисоки оцени за одговорите кои ги добиле од Судот.

Правејќи пресек на сработеното во 2024 година, претседателот на Уставниот суд, посочи дека ова е година во која одбележувајќи го јубилејот 60 години уставно судство, Судот се соочи со крупни реформи и новини во неговата работа, но, за жал, и година на сериозни политички притисоци и влијанија врз Судот.

„Обидите за политизација, етнизација на постапките и одлуките на Судот со употреба на неосновани непристојни квалификации за мене, за Судот, неспорно претставуваат политички притисок и влијание врз Судот. И притисоците и влијанијата, и манипулациите во повеќе наврати а и сега со индигнација ги отфрлам. Тие немаат никаква допирна точка ниту со заложбите за вледеење на правото, ниту со Уставната, правната и политичката култура, ниту пак со европските вредности.

Но тоа е нашата општествена или како јас ја нарекувам уставна реалност“, истакна Костадиновски.

Покрај ваквата реалност, како што додаде, Судот не потклекна и влијанието не се рефлектираше врз квалитетот на нашата работа.

„Накусо ќе кажам дека 2024 година ќе биде забележана како година на револуционерни реформи во работењето на Судот, една од најефикасните по однос на предметите коишто сме ги решиле, но и година на зголемена доверба на граѓаните во Уставниот суд, ако се зема предвид приливот од пристигнатите иницијативи, бројка што оваа година отскокнува од годините претходно, рече Костадиновски.

Во однос на соработката на Судот може да се констатира зацврстување на односите со меѓународните и домашните организации, за што говорат билатералните средби со претставници на меѓународните организации, со судиите-колеги од соседството, од уставните судови во Германија, Белгија, средби со претставници од Венецијанската комисија, билатерални посети и учества на судиите на меѓународни конференции.

Поврзани новости